Италијанскиот репрезентативец Џанлуиџи Донарума е на добар пат да ја продолжи соработката со ПСЖ. Тој успеа да го убеди раководството на клубот дека заслужува да биде дел од проектот и во иднина, откако бранеше одлично на реваншот против Ливерпул на „Енфилд“.
Поранешниот чувар на мрежата на Милан подоцна самоуверено изјави дека многу новинари „не ја разбираат голманската професија“ и дека бил неправедно критикуван по првиот натпревар. Во дуелот на „Паркот на принцовите“, Ливерпул победи со 1-0 со гол во последната минута, по 90 минути дефанзивна битка, а француските медиуми го обвинија Италијанецот за погодокот на Харви Елиот, тврдејќи дека можел да направи многу повеќе и не се истегнал доволно за да го спречи ударот кон неговиот гол.
Сепак, неговиот настап на „Енфилд“ брзо ги разби сите сомнежи околу неговите изданија во Лигата на шампионите, сомнежи кои се појавија уште од 2022 година, по кобниот натпревар на „Бернабеу“, кога направи грешка против Бензема, што беше најава за неверојатниот пресврт на Реал Мадрид.
Приоритет на Донарума е да го продолжи договорот со ПСЖ, што го потврди и неговиот агент во интервју за „Л’Екип“.
„Се разбира! Немаме никакви проблеми со клубот. Си го земаме потребното време. Работите мора да се направат како што треба, во интерес на играчот. Но, единствениот клуб што Џанлуиџи го сака е ПСЖ. Ќе видиме како ќе се развиваат работите, но неговиот приоритет е да остане во Париз“, изјави Енцо Рајола.