Донарума го „прележа“ корона-вирусот, може да брани против Удинезе

Џанлуиџи Донарума може да брани против Удинезе утре во меч од Серија А, што Милан ќе го игра од 12.30 часот во Удине.

Првиот голман на Росонерите има негативен тест заедно со напаѓачот Јенс Петер Хауге и Матео Габија, па можат да бидат во конкуренција за настап против Удинезе, чиј член е Илија Несторовски.

Донарума не бранеше на два меча за Милан, против Рома во Серија А и со Спарта Прага во Европа Лигата, а го замени Ципријан Татарашану.

Романецот беше слаб на дебито во дресот на Милан и прими два гола против Рома, од кои за првиот беше директен виновник, но потоа се поправи и ја сочува мрежата на дуелот со чешкиот тим во Европа Лигата.

Донарума е важна алка во тимот што нема пораз од 8. март годинава и во новата сезона во Калчото прими само еден гол на четири натпревари.

Милан како лидер во италијанското првенство, ќе гостува во Удине и е само една од трите екипи со Јувентус и со Сасуоло што се непоразени на стартот од Серија А.

 

 

- Оглас -

Најнови вести