Димитријевиќ со Баерн Минхен ја победи Валенсија, но шансите за топ-10 остануваат минимални

Единствениот македонски кошаркар кој игра во Евролигата, Ненад Димитријевиќ, имаше одличен настап во победата на Баерн Минхен над Валенсија од 93-89. Нашиот кошаркар од легендарниот тренер Светислав Пешиќ доби малку повеќе од 26 минути, кои максимално ги искористи и мечот го заврши со ефект од 12 поени, три скока и седум асистенции.

Баварците беа аутсајдери во пресрет на овој натпревар, со оглед на многу подобриот ефект на Валенсија, но уште еднаш покажаа дека не секогаш победува фаворитот.

Првата четвртина им припадна на гостите, но во вториот период следуваше комплетна доминација на Баерн Минхен и водство од 53-44 на полувремето. Во вториот дел домашните знаеја како да ја сочуваат предноста и да дојдат до деветтата евролигашка победа оваа сезона.

Сепак, и покрај победата, Баерн Минхен има минимални шанси за пласман помеѓу најдобрите десет екипи на табелата, со оглед дека заостануваат четири победи, но имаат и меч повеќе.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести