Еден од најзаслужните за успешната сезона на ПСЖ, Џанлуиџи Донарума, не се најде на списокот со фудбалери за европскиот Суперкуп против Тотенхем. Италијанскиот голман има договор само уште за сезонава, а двете страни не успеаја да најдат заеднички јазик за негово продолжување, па Светците инсистираат тој да биде продаден.
„Од првиот ден кога дојдов, дадов сè на теренот и надвор од него за да го заслужам своето место и да ја бранам мрежата на ПСЖ. За жал, некој одлучи дека повеќе не можам да бидам дел од тимот и да придонесувам за успехот на екипата. Разочаран сум и тажен. Се надевам дека ќе имам прилика уште еднаш да ги погледнам навивачите на ‘Паркот на принцовите’ в очи и да се простам како што треба. Ако тоа не биде можно, сакам да знаете дека вашата поддршка и наклонетост значат сè за мене и никогаш тоа нема да го заборавам. Засекогаш ќе ги носам со себе спомените на сите емоции, магични ноќи и вас, кои ми овозможивте да се чувствувам како дома. На моите соиграчи, моето второ семејство, ви благодарам за секоја борба, секоја насмевка, секој момент што го споделивме. Засекогаш ќе бидете мои браќа. Да се игра за овој клуб и да се живее во овој град беше огромна чест. Благодарам, Париз“, напиша Донарума на социјалните мрежи.