Лос Анџелес лејкерс на свој терен славеше против Далас маверикс со 127:110 во еден од поинтересните мечеви кои ноќеска се одиграа во НБА лигата. Лука Дончиќ имаше уште еден одличен меч и на крајот стигна до трипл-дабл со учинок од 33 поени, 13 скока и 10 асиснтенции, но немаше расположени соиграчи, па Лејкерси на крајот прилично лесно победија.
Дејвис со 28 поени, 12 скока и девет асистенции беше предводник на тимот од ЛА, а одличен беше и Расел со 29 поени. Леброн Џејмс мечот го заврши со 25 поени, а имаше и по осум скока и исто толку асистенции.
Во центарот на вниманието беше и катастрофалниот пораз на Милвоки бакс од Кливленд со 135:95. Кливленд беше предводен од триото Нианг (33 поени), Мичел (31) и Ален (21 поени и 13 скока). Кај гостите немаше ниту еден играч со повеќе од 17 поени, а толку постигна Лилард.
Во драматична завршница, Атланта со 106:104 беше подобра од Орландо, а неизвесно до самиот финиш беше и на дуелот на кој Портланд со 105:103 беше подобар од Бруклин.
Дуелот меѓу Јута и Голден Стејт беше одложен поради ненадејната смрт на еден од тренерите на Воините.
Во останатите мечеви кои се одиграа ноќеска: Детроит – Минесота 117:124, Бостон – Сан Антонио 117:98, Њујорк – Хјустон 109:94, Торонто – Мајами 121:97 и Њу Орлеанс – Шарлот 132:112.