Трагедија: Српскиот кошаркарски тренер почина од срцев удар на 47 години

Лоши вести стигнаа од НБА тимот на Голден Стејт вориорс. Помошникот тренер на Воините, Дејан Милојевиќ почина на 47 години. На српскиот стратег кој работеше во НБА клубот, му се слошило за време на клупската вечерва во еден ресторан во Солт Лејк сити, а потоа итно бил префрлен во болница, каде што бил опериран.

Првично беше пренесено дека неговата ситуација е стабилна, но за жал вечерва стигна најлошата вест, а тоа е дека Милојевиќ починал. Поради оваа трагедија, одложен е дуелот меѓу Јута и Голден Стејт кој требаше да се игра ноќеска.

Милојевиќ беше роден во Белград на 15 април 1977 година, а додека играл за младинците на Беовик, успеал да постигне 132 поени на еден меч, што уште е апсолутен рекорд во Србија.

Играше на позицијата крилен центар, а во кариерата ги има носено дресовите на ФМП, Будуќност, Партизан, Памеса Валенсија, Галатасарај, а кариерата ја заврши во Партизан во 2009 година. Како тренер има работено во Мега Баскет и Будуќност, а во 2021 година дојде во Голден стејт каде работеше како помошник тренер.

- Оглас -

Најнови вести