Дончиќ и Јокиќ блескаа, Лос Анџелес стравува за повредата на Леброн Џејмс

Главна тема во НБА лигата повторно се Никола Јокиќ и Лука Дончиќ поради нивните неверојатни настапи на синоќешните натпревари.

Денвер нагетс на домашен терен ги победија Мемфис гризлис со 117-109, а најдобар стрелец беше Гордон со 33 поени.

Сепак, сите зборуваат за настапот на Јокиќ, кој повторно забележа трипл-дабл учинок. Српскиот кошаркар натпреварот го заврши со 26 поени, 16 скока и 13 асистенции и е првиот центар во историјата на НБА лигата кој во една сезона има просек на трипл-дабл.

Во Лос Анџелес блескаше Лука Дончиќ во натпреварот во кој ЛА лејкерс тотално ги понижија Хјустон Рокетс со победа од 140-109.

Дончиќ беше најдобриот играч на теренот со 39 поени, осум скока и седум асистенции. Кај Хјустон единствено расположен за игра беше Витмор со 34 поени, осум скока и една асистенција.

Неизвесно е што следува за Леброн Џејмс, кој одигра само 22 минути на синоќешниот натпревар пред да излезе поради повреда на препоните.

Сѐ уште нема информации за сериозноста на повредата, но добра вест за Лејкерс е тоа што Леброн, откако го напушти теренот во третата четвртина, остана на клупата и по натпреварот ја прослави победата на својот тим.

Шарлот не блеска оваа сезона во НБА лигата, што се виде и на синоќешниот натпревар во Бостон, каде што Селтикс без поголеми проблеми победија со дури 36 поени разлика (130-94).

Гостите се држеа во игра по првото полувреме бидејќи Бостон имаше само поен предност (54-53), но во продолжението на натпреварот успеаја целосно да ги декласираат Хорнетс.

Веќе во третата четвртина Бостон создаде двоцифрена предност, а во последната делница таа се зголемуваше и беше само прашање со колкава разлика ќе победат Селтикс.

На крајот, Бостон постигна дури 130 поени и победи со 36 поени разлика, бидејќи Шарлот застанаа на 94.

Притчард го предводеше Бостон со 22 поени, а се истакнаа и Хаузер со 20, како и Вајт со 19 поени.

Во тимот на Шарлот, најефикасен беше Кари со 17 поени.

- Оглас -

Најнови вести