Најдобриот кошаркар на олимпискиот турнир во Токио, Словенецот Лука Дончиќ, беше бесен по поразот од Франција и негодуваше кон судиите, за кои мисли дека добиле инструкции да ја поттурнат Франција кон финалето против САД.
„Се надевам дека сега ФИБА е среќна“, беше првиот коментар на Дончиќ по неговиот прв пораз во репрезентативната кариера.
Дончиќ беше тажен по минималниот пораз и добиваше утеха од Никола Батум, кој беше јунак на Франција со клучната блокада над Клемен Препелич. За Дончиќ никаква утеха не е тоа што направи трипл-дабл и стана трет кошаркар во историјата на ЛОИ со двоцифрен број поени, скокови и асистенции на ист меч. Словенците немаат многу време за тагување, пред нив е нов историски меч, оној за бронза против Австралија.