Дончиќ направи нешто што претходно во историјата на ЛОИ им успеало само на двајца кошаркари

Лука Дончиќ за првпат во кариерата загуби на официјален меч со репрезентацијата на Словенија. НБА-ѕвездата имаше 17 победи во исто толку мечеви за националниот тим, а перфектната низа беше прекината денеска. Во полуфиналето на кошаркарскиот турнир на ЛОИ, Словенија минимално со 90:89 загуби од Франција.

Словенците го имаа последниот напад за победа. Топката беше кај Дончиќ, кој реши да додаде до Препелиќ, кој тргна на положување, но беше изблокиран од Батум, па на крајот победија Галските петли.

Дончиќ на крајот си замина разочаран, но неговиот настап на овој меч ќе биде запишан во историјата на ЛОИ. Словенецот заврши со 16 поени, 10 скока и 18 асистенции, со што стана само третиот кошаркар кој имал трипл-дабл на меч од Олимписки игри.

Пред Дончиќ, такво нешто им успеало само на Леброн Џејмс на ЛОИ во Лондон во 2012 година и на легендарниот руски кошаркар Александар Белов. Русинот направи трипл-дабл во победата на СССР против Канада на ЛОИ 1976 година во Монтреал, кога имаше 23 поени, 14 скока и 10 асистенции.

Леброн Џејмс во полуфиналето на ЛОИ во Лондон, во победата на САД против Австралија имаше 11 поени, 14 скока и 12 асистенции.

- Оглас -

Најнови вести