Дориев ги казни утките на Вардар, Шкендија побегна 12 бода

Вардар и Академија Пандев ремизираа 1:1 во дербито на 27. коло во нашата Прва лига, резултат што потполно му одговара на лидерот и актуелен шампион Шкендија.

Љупче Дориев со гол во 84. минута ги казни утките на вардарци, особено на Попзлатанов, кој непосредно пред израмнувачкиот погодок на гостите имаше зицер, но не погоди.

Претходно Даниел Аврамовски со деби гол за Вардар им донесе предност на домаќините. Академија Пандев повторно не успеа да забележи прва победа во меѓусебните дуели со најтрофејниот македонски клуб, но струмичани можат да бидат задоволни и со еден бод.

Ремито во Скопје комплетно и одговара на Шкендија, екипа која со победа против Ренова со 2:1 се зацврсти на врвот на табелата со двоцифрена разлика пред Вардар.

Прва победа како кормилар на Работнички дочека тренерот Баже Лазаревски, а „романтичарите“ со пресврт во второто полувреме ја продолжија големата криза на Шкупи.

Чаирчани поведоа со голот на Устабаши во првиот дел и потоа застанаа. Казната ја испорачаа Пеев и Илијоски со два гола за две минути за голем триумф на Работнички и прекин на серијата без победа. Шкупи сега има 4 порази по ред.

Резултати, 27. коло: Вардар – Академија Пандев 1:1, Шкендија – Ренова 2:1, Шкупи – Работнички 1:2, Македонија Ѓ.П. – Победа 3:0, Беласица – Силекс 0:1.

Табела: Шкендија 62, Вардар 50, Академија Пандев 46, Ренова и Работнички по 36, Македонија Ѓ.П. 34, Шкупи 33, Силекс 28, Беласица 23, Победа 19.

 

- Оглас -

Најнови вести