Досега беа шампиони само на свој терен – Бразил и Шпанија ќе играат за второ фудбалско злато

Бразил и Шпанија ќе го играат големото финале во фудбал на Олимпискиот турнир, денеска од 13.30 часот на интернационалниот стадион во Јокохама, а за првпат двете селекции ќе имаат шанса за златен медал на Игри што не ги организираат.

Шпанија го освои единственото злато досега на Олимпијадата во Барселона, кога ја победи Полска со 3:2. Тој турнир беше историски, бидејќи за првпат беше одредено да играат фудбалери на возраст до 23 години со можност за тројца повозрасни играчи како дополнување на олимписките ростери.

Бразил славеше пред пет години на свој терен во Рио Де Жанеиро, кога ги победи Германците во пенал-рулетот со 5:4. Тие се најтрофејната нација во фудбал на Олимпијадите и секако ќе го освојат рекордниот седми медал, само прашање е дали ќе биде со златен, или со сребрен сјај.

Кариоките освојуваа медали на последните четири Олимпијади, вклучувајќи ја и оваа. Шпанија има и две сребра, па ако го победи Бразил може да има интересна формула на медали 2+2, злато комбинирано со сребро.

И двете селекции имаа исцрпувачки полуфинални дуели, против Јапонија, односно со Мексико. Бразилците славеа дури по подобро изведување на пенали против Мексико, откако во регуларниот дел и по продолженијата од двапатипо 15 минути немаше победник.

Шпанија се намачи против домаќинот Јапонија и победи со прекрасниот гол на Асенсио во 115. минута. Ова е прв дуел меѓу двете фудбалски велесили за медал на Олимписки игри.

 

- Оглас -

Најнови вести