Досегашниот тренер на Нестороски го презема Динамо Загреб

Динамо Загреб потврди дека во новата сезона клубот ќе го води нов тренер – Марио Ковачевиќ. Поранешниот стратег на Славен Белупо официјално ја презеде функцијата и ќе ги започне подготовките со тимот на 18 јуни. Тој во изминатава сезона му беше тренер на македонскиот интернационалец Илија Нестороски.

„Ковачевиќ доаѓа по впечатлива сезона во која неговиот Славен Белупо стигна до финалето на Купот на Хрватска, а во првенството заврши на петтото место, прикажувајќи препознатлива визија на игра и тактичка дисциплина“, соопшти Динамо во официјалната објава.

Марио Ковачевиќ тренерската кариера ја започна во 2014 година со Меѓимурје, а потоа ги водеше и Вараждин, Полет и повторно Меѓимурје, но вистински печат во Првата хрватска лига остави токму со Вараждин и со Славен Белупо.

„Сакам да му се заблагодарам на Динамо за довербата и шансата да го водам најголемиот и најтрофејниот хрватски клуб. Свесен сум за очекувањата и одговорноста. Ќе го живеам овој предизвик со целосна посветеност и храброст. Динамо мора да игра модерен, брз и атрактивен фудбал – верувам дека ќе успееме во тоа“, изјави Ковачевиќ по преземањето на функцијата.

Од клубот додадоа дека имаат максимална доверба во него.

„Комплетниот погон на Динамо верува во оваа соработка и ќе направи сè ова да биде долгорочен и успешен проект. Добредојде, Марио!“, истакнаа од најголемиот хрватски клуб.

- Оглас -

Најнови вести