5.8 C
Skopje
недела, 18 јануари 2026

Доста е, дојде време Македонија да изненади еден голем фаворит на ЕП

Македонската ракометна репрезентација веќе една и пол деценија е дел од ракометниот крем. Нема Европско или Светско првенство а Македонија да не е во елитата. Така е и сега, на континенталниот собир кој се одржува во Данска, Шведска и Норвешка.

Македонија е во пеколна група. најсилната селекција во свет и ко-домаќин на турнирот Данска ја покажа целата своја сила во првото коло и ја победи Македонија со 36:24. Денеска следува дуел против Португалија. Тоа е репрезентација која во последните неколку години е во голем подем.

Сепак, Македонија не треба да се плаши од дуелот со Португалија. Имаме и ние ракометари кои знаат да одиграат на врвно ниво, кои знаат да распалат по противничката мрежа и да одиграат челично во одбраната, па да може да се сопрат браќата Кошта и останатите португалски ѕвезди.

Велат дека на мака се познаваат јунаците. Епа сега Македонија е на мака, загуби со двоцифрена разлика во првото коло и едноставно нема право на кикс ако сака да се надева на влез во главната фаза на ова ЕП.

Дека изненадувања постојат се потврдува на секој голем турнир, а така беше и синоќа кога Србија со 30:27 ја победи фаворизираната Германија и тоа во меч на кој Панцерите на полувреме водеа со дури четири разлика. Србите не се откажаа, одиграа фантастично второ полувреме и се радуваа на победа.

Македонија има девет победи во досегашните 41 средби на Европските првенства, што значи дека го чекаме јубилејниот 10-ти триумф. Нека биде тој денеска против Португалија.

- Оглас -

Најнови вести