Заврши агонијата на македонските ракометари со „благ“ пораз од Белорусија на Мундијалот. Завршија и маките на сите кои со надеж ја поддржувавме репрезентацијата следејќи ги дебаклите преку малите екрани. Исто така, тука завршува и правдањето зошто и како спортот број 1 во Македонија се најде во ваква ситуација.
Пред да наредам сето она што не ми се допадна од настапот на нашата репрезентација на ова СП, знам дека многу мои колеги нема да се согласат со мене околу она што ќе го напишам, но гневот е посилен од мене и не можам да го задржам.
Прво што ќе кажам е дека досега живеевме во заблуда. Во заблуда дека со еден до двајца ракометари од светски калибар ќе можеме да се бориме за добар пласман на ова чудно Светско првенство. Мислевме со два подготвителни натпревари против Чиле, единствената селекција која ја надигравме на турнирот, ќе бидеме спремни да ги мериме силите со репрезентации како Словенија и располовената Шведска, па и домаќинот Египет, кој ни го нанесе можеби најтешкиот пораз во нашата историја. Живееме во заблуда дека Кузмановски и Талески се новите лидери на нашиот национален состав, но вечните таленти, производите на Лино Червар, повторно покажаа дека се далеку од местото на кое досега ги стававме. Или јас не го разбирам толку ракометот или нивната игра стагнира веќе со години, буквално тапкаат во место колку и да се прошетани низ Европа. Живееме во заблуда дека Данило Брестовац е вистинскиот човек за селекторското столче, а тој во многу наврати во овој период не личеше на ништо повеќе од обичен гледач кој си купил „ВИП билети“ за да го следи Светското од прв ред.
Чекањето до последен ден и добивањето валјд-карта не е оправдување за катастрофалниот приказ на македонскиот ракомет. Не е оправдување ниту периодот во кој се случува смена на генерации бидејќи оваа што се пробива покрај старата генерација, апсолутно нема квалитет. Треба и мора да се разбере дека новите носители на „светиот дрес“ всушност не ја знаат тежината на црвено-жолтата боја. Не е оправдување дека за голем дел од играчите ова СП беше првото големо натпреварување за нив. Не се тие виновни за срамниот настап, факт е дека толку им е капацитетот. Не се тие виновни што буквално личеа на дечиња во однос на сите противници, се забележуваше тоа и преку малите екрани. Не знам што гледаа другите и во што се надеваа, но кога играше Македонија, на терените се појавуваа деца со чичко Лазаров спротивставени на двометарски џинови. Не е срамота што чекаме ракометниот Кристијано Роналдо да нѐ турка до каде што може, срамота е што никој не застана покрај него барем малку да му помогне. Сепак, Кире има 40 години и јасно беше дека и негови 100 гола не би биле доволни бидејќи ова е тимски спорт и секој мора да придонесе.
Кире кажа сме го допреле дното, но тоа било добро бидејќи од таа позиција може да се оди само нагоре. Но, треба да сфатиме дека големи се шансите и да не излеземе од тоа дно – класичен пример за тоа е нашата кошаркарска репрезентација, која од четврта европска сила пред една деценија, сега едвај се бори да преживее во квалификации за голем турнир.
За нашиот најдобар ракометар во историјата, и еден од најдобрите во светот, ова беше последно големо натпреварување на репрезентативно ниво. Кире самиот кажа дека ова му е последна сезона во дресот на Македонија и Нант, по што останува веќе одамна поставеното прашање – Кој сега ќе игра и ќе ни носи победи?
За тоа требаше да се мисли многу порано, а јас тука вината ја барам во македонските клубови. Години наназад се нема истакнато ракометар кој барем малку ќе ја пополни таа празнина, се нема појавено талент на страна од веќе споменатите вечни таленти на кои уште им се тресат рацете и прават почетнички грешки на 25-6 години. Во нашиот главен град живее двократниот европски првак Вардар, кој, за жал, е изграден само со еден македонски ракометар (Стојанче Стоилов) и мал милион странци, а од таму нема излезено ниту еден играч на кој би можеле да му се радуваме и да се гордееме со него. Оние кои добија прилика за настап од домашното првенство, сега знаат кај им е местото, по што се надевам дека малку ќе се намали туркањето на спортот број 1 во нашата земја. Мнозинството критичари и по ова СП ќе тврди дека ракометот ни е најразвиен спорт во Македонија, но до кога ќе се влечеме на еден Вардар и едно петто место на Европското кое се одигра во 2012 година. Очигледно е дека вложувањата досега не вродија со плод и така ќе остане доколку продолжат со досегашната „стратегија“.
Ние не успеавме да ги замениме Миркуловски и Мојсовски, а не пак да се надеваме во нов Лазаров. Можеби ќе се појави во некоја далечна иднина, во која ние нема да бидеме дел од неа, но дотогаш оваа слика од изминативе две недели ќе ни биде постојана. Главниот проблем е психолошки. Го загубивме победничкиот менталитет, а поради споменатите индивидуални успеси, мислевме дека сме некоја ракометна велесила, што всушност никогаш не сме биле.
Како единствена светла точка можам да го истакнам голманот Мартин Томовски. И покрај тоа што Македонија во шест натпревари прими 192 гола, или 32 во просек по натпревар, нашиот втор чувар на мрежата максимално ги користеше минутите и својот талент. Томовски ми даде тронка надеж дека барем во наредните неколку години ќе имаме квалитетен голман во репрезентацијата.
За крај, доброто што можам да го извлечам е дека до крајот на Мундијалот сите ливчиња ќе ги пишувам без Македонија. Нема да „играм“ навивачки и да ми „бегаат“ добивки, туку ќе се обложувам порационално и без симпатии. Ќе ги користам сите понуди на Sport Life за обложување на исходи, индивидуални учиноци и ред други опции во богатиот спектар на најдобрата обложувалница во нашата држава.