Екипата на Севиља уште еднаш покажа дека е вистински владетел во Лигата на Европа откако освои уште еден трофеј во второто по ранг натпреварување на УЕФА. Во големото финале на стадионот во Будимпешта, Севиља ја победи Рома и тоа дури по подобро изведување на пенали.
Во регуларниот дел резултатот беше 1:1, а по драмата која траеше повеќе од три часа, на крајот Севиља победи со 4:1 на пенали. Ова е седма титула за Севиља во Лигата на Европа.
Рома не успеа да стави крај на доминацијата на Севиља, но тука се стави крај на перфектната низа на Жозе Мурињо, кој за првпат загуби едно европско финале.
Во пенал-рулетот се шутираше на страната каде што беа навивачите на Севилја, а шпанскиот тим доби шанса и прв да шутира. Пеналите се одвиваа на овој начин:
О’Кампос (Севилја) погодува за 1:0
Кристанте (Рома) погодува за 1:1
Ламела (Севилја) погодува за 2:1
Манчини (Рома) шутира, Боно одбрани 2:1
Ракитиќ (Севилја) погодува за 3:1
Ибањес (Рома) шутира во стативата 3:1
Монтиел (Севилја) погодува за 4:1
Комплетната пенал-драма може да ја видите ТУКА.
Во регуларниот дел, Рома прва поведе со голот на Пауло Дибала во 35-тата минута, а Севиља израмни на стартот од вториот дел, кога Манчини си даде автогол во 55-тата минута. Двата гола може да ги видите ТУКА.
Двата тима имаа шанси и за втор погодок, а Рома имаше шанса за победа буквално во последните секунди, кога Смолинг ја погоди пречката во 120+11 минута, а веднаш потоа судијата отсвири крај и најави дека пеналите ќе решаваат, а таму поуспешен беше тимот на Севиља.
Во натпреварите на УЕФА, остануваат да се одиграат уште финалето во Конференциската лига, каде што ќе играат Фиорентина и Вест хем, како и финалето во Лигата на шампионите, каде што ќе се сретнат Манчестер сити и Интер.