Фудбалска Европа дефинитивно ќе добие нов владетел затоа што актуелниот освојувач во Лигата на шампионите, Ливерпул, нема да има шанси да го брани тронот. Англискиот гигант пред еден месец беше елиминиран во елитното натпреварување на УЕФА откако на свој терен загуби од Алтетико Мадрид.
Ливерпул победи со 1:0 во 90 минути игра, но со тоа само ја анулираше негативата од еден гол што ја имаше по првиот меч во Мадрид. Во дополнителните 30 минути, Атлетико Мадрид одигра неверојатно и даде три гола за победа на „Енфилд роуд“.
Маркос Љоренте, кој влезе како резерва, даде два гола и се претвори во херој на гостите. Дресот што го носеше играчот на Јорганџиите на овој меч беше дел од хуманитарната акција на Црвениот крст за помош на оние кои им е најпотреба во пандемијата од Коронавирусот.
За дресот на Љоренте, кој се покажа како кошмарен за навивачите на Ливерпул, беа платени 8.100 евра, а го купи шпанскиот водител и комичар Давид Бронкано.
„Кога видов дека дресот е на аукција, тоа беше чудо за мене. Не размислував многу, знаев дека морам да го имам“, изјави Бронкано.
Дресот на Љоренте беше вториот најскап предмет продаден на аукцијата. Најскапо беше платена една маица на Рафаел Надал, за која беа платени неверојатни 20.500 евра.