За точно две недели ќе започне долгоочекуваното Светско првенство, што ќе се игра во Катар и кое ќе закова милијарди фанови пред ТВ-екраните, но дел од нив ќе бидат и фудбалери кои поради повреди нема да можат да настапат на фудбалскиот Мундијал.
Медиумите веќе направија дримтим од 11-мина повредени фудбалери кои најверојатно нема да играат на СП и најголеми главоболки поради тоа има селекторот на актуелниот светски шампион, Дидие Дешамп, бидејќи остана без четворица клучни играчи.
Дешамп во Катар нема да може да смета на голманот Мајк Мањан, на бекот Рафаел Варан, како и на клучните играчи од средниот ред, Пол Погба и Н’голо Канте.
Погба сè уште нема одиграно ниту еден натпревар сезонава, додека Канте минатиот месец имаше операција на бутниот мускул и четири месеци ќе отсуствува од теренот. Голманот на Милан сигурно ќе одмора до 1 јануари, а под знак прашалник е настапот и на Варан, кој ги пропушти последните четири натпревари на Манчестер јунајтед.
На листата на повредени играчи се наоѓаат и двајца Англичани, но тие имаат шанси за настап, Рис Џејмс и Бен Чилвел. Џејмс веќе четири недели е надвор на терените, но сепак постои шанса да заигра во Катар, а тоа се однесува и за Чилвел, кој се повреди во вторникот на дуелот меѓу Челзи и Динамо Загреб.
Под знак прашалник е и најдобриот кореански фудбалер, Сон Хеунг-мин, кој заработи скршеница на коската на лицето по еден воздушен дуел со играчот на Марсеј.
Сигурно нема да настапи дефанзивецот на Барселона, Роналд Араухо, чие враќање по повредата на ногата е најавено пред Нова година.
Дефинитивно од комбинација за настап отпаднаа Џорџињо Вајналдум, кој поради скршеница на коската на ногата нема да игра цела сезона, како и Диого Жота и Тимо Вернер, кои може да заборават на фудбал до 2023 година.