Во претпоследното 33-то коло од регуларниот дел од сезоната во Евролигата, Црвена ѕвезда го совлада „братскиот“ Олимпијакос со 87:79, но нема шанси за освојување на едно од првите осум места на табелата кои водат во четвртфиналето.
Црвена ѕвезда по 33 кола има 16 победи и 17 порази и се наоѓа на 11-то место на табелата, додека Олимпијакос е лидер со скор 23-10.
Гостите подобро го започнаа натпреварот и на половина од првата четвртина имаа седум поени предност (8:15), но домаќините успеаја да се вратат во игра и по десет минути игра имаа негатива од четири поени (26:30).
Клучен момент за победата на Црвена ѕвезда беше тројката на Џон Холанд во 36-та минута за водство од 80:71 и предноста домашните кошаркари успеаја да ја зачуваат до крај.
Факундо Кампацо со 20 поени, Холанд со 17 и Вилдоза и Петрушев кои постигнаа по 12, се најзаслужни за победата на Црвена ѕвезда. Кај Олимпијакос се истакнаа Саша Везенков со 16 и Томас Валкуп со 15 поени.
Жалгирис со минимални 68:67 го совлада Макаби Тел Авив и остана во игра за пласман во четвртфиналето. Жалгирис има учинок 18-15 и е осми, а деветтата Басконија има победа помалку и само што го започна мечот со Асвел Вилербан.
Поенот за победа на Жалгирис го постигна Ајзеа Тејлор од линијата за слободни фрлања на 21 секунда до крајот.