Англија за првпат во историјата ќе игра во финале на Европско фудбалско првенство откако со 2:1 дури по 120 минути игра ја победија Данска. По регуларните 90 минути игра беше 1:1, а клучниот момент се случи пред крајот на првото продолжение, кога беше досуден пенал за Англија.
Хари Кејн промаши од белата точка, но топката повторно се врати кај него и од втор обид успеа да погоди за 2:1 и победа. Сепак, многумина сметаат дека пеналот кој го доби Англија беше „подарок“ и дека Рахим Стерлинг премногу театрално падна во шеснаесетникот, а главниот судија како да чекаше да досуди пенал.
Се гледаше и ВАР-системот, кој утврди дека имало контакт за најстрога казна. Сепак, ниту ВАР-системот, ниту осумтемина судии кои беа задолжени за правдата на ова полуфинале не забележаа еден клучен детаљ токму во акцијата по која беше досуден ударот од 11 метри за Англија.
Главниот судија, неговите помошници, четвртиот судија, како и арбитрите во ВАР-собата не забележаа дека во акцијата по која Стерлинг доби пенал, на теренот имаше две топки. Во таква ситуација кога има две топки на теренот, судијата треба да досуди прекин и една од топките да биде исфрлена од поле. Тоа не се случи, играта продолжи, а потоа Стерлинг доби пенал, кој значеше и победа на Англија и пласман во финалето на ЕП.
Во финалето на ЕП, Англија ќе игра против Италија на „Вембли“ в недела.