Две бомби од ФИФА: Дополнителен преоден рок во јуни и Интер Мајами учесник на Светско клупско!

Светската фудбалска асоцијација, ФИФА, одобри дополнителен преоден рок од 1 до 10 јуни 2025 за да може клубовите кои ќе учествуваат на новото Светско клупско првенство во САД да се засилат.

Другата голема новина од ФИФА е дека Интер од Мајами ќе биде дел од Светското клупско, како првопласиран тим во регуларниот дел од МЛС-лигата.

Долги години во фудбалот е пракса летниот преоден рок вообичаено официјално да трае од 1 јули до 31 август (со можно отстапување од неколку дена, зависно од државата), додека зимскиот период трае цел јануари. Сега тоа може да се промени.

ФИФА одобри отворање на нов преоден рок во периодот од 1 до 10 јуни 2025 година. Причина за ваквата одлука е одржувањето на Светското клупско првенство од 15 јуни до 13 јули следната година, на кое ќе учествуваат 32 тима.

ФИФА би го отворила овој преоден рок во оние земји кои имаат претставници на Светското клупско првенство. Така тоа ќе им овозможи на клубовите да регистрираат нови играчи пред почетокот на натпреварувањето. Одлуката сè уште не е конечна бидејќи мора да биде потврдена од националните федерации.

Инаку, има само уште две празни места за светското клупско кое ќе се игра среде лето и фудбалерите нема да имаат одмор. Едното ќе го пополни првакот на Копа Либертадорес, а другото место се чуваше за победникот на МЛС-купот. Сепак, плејофот во американскиот куп завршува во декември и проценката е дека поправедно е место на првенството да има за првакот на МЛС-лигата.

Голем плус за Интер Мајами е што во нивните редови е Лионел Меси, кој би придонел за атрактивноста на настанот. Ова значи дека можно е Меси во дресот на Интер да заигра против старите ривали Реал Мадрид и Атлетико Мадрид, против аргентинските гиганти Бока јуниорс и Ривер плејт, против неговиот ексклуб ПСЖ и против други големи клубови.

- Оглас -

Најнови вести