Новак Ѓоковиќ не успеа да стигне до 25-тиот гранслем-трофеј откако вчера загуби во финалето во Мелбурн, но самиот пласман кој му донесе борба за трофејот значеше и напредок за Србинот на АТП ранг-листата.
Иако има 38 години, Ѓоковиќ уште еднаш покажа дека може да се носи и со најдобрите, па го победи Јаник Синер во полуфиналето, додека против Карлос Алкарас водеше со 1:0 во сетови, но го загуби финалето со 3:1.
На денешната најнова АТП ранг-листа, Србинот има 5.280 бодови, додека Александер Зверев падна на четвртото место со 4.605 бодови. Ѓоковиќ во однос на минатата година имаше напредок на Отвореното првенство на Австралија затоа што лани играше во полуфиналето, а сега беше финалист. За разлика од него, Зверев лани играше во финалето, па сега не успеа да ги одбрани сите освоени бодови од тогаш.
На врвот на листата неприкосновен е Алакрас со 13.650 бодови, додека втор е Јаник Синер со 10.300 бодови. По загубеното финале, Ѓоковиќ на Алкарас во шега му порача дека тие двајца ќе имаат уште многу борба на теренот во следната декада.
„Многу си млад и имаш долго време пред себе, како и јас. Сигурен сум дека ќе се гледаме многу во следните десет години“, низ смеа рече Ѓоковиќ.

