Един Терзиќ побарал да си замине од Борусија Дортмунд, а клубот го прифати неговото барање. Ова е официјалната верзија за разделбата на бундеслигашот со тренерот кој ги однесе до финале на Лигата на шампионите.
Деновиве се појави информација дека еден од лидерите на тимот, искусниот Матс Хумелс, порачал дека или тој ќе си оди или ќе мора клубот да се раздели со тренерот Терзиќ.
Терзиќ, кој има 41 година, во 2021 го освои Купот на Германија со Борусија, во 2023 за малку ќе ја освоеше титулата во Бундеслигата, а годинава приреди сензација со пласманот во финалето на ЛШ.
Германецот кој има и хрватски пасош, имаше емотивна порака до фановите на Борусија.
„Сакани навивачи на Борусија. Се обидувам да најдам вистински зборови, ова е брутално тешко за мене. Сакам да ви кажам дека го напуштам клубот.
Поминаа 14 години од мојот прв договор тука. Со краток прекин, девет години го живеев сонот. Тоа беше неверојатно искуство. Би сакал на сите да им се заблагодарам од дното на срцето за поддршката. По финалето на Вембли, имав добар, отворен и пријателски разговор со челниците на клубот. Верувам дека е време нов човек да седи на клупата. На новиот стручен штаб и тимот им посакувам успех. Знам дека ова звучи како збогување, но не сакам да биде така, сакам само да кажам благодарам. Останувам еден од вас, се гледаме наскоро, вашиот Един“, рече Терзиќ.