Не престануваат да излегуваат информации од соблекувалната на Барселона по отказот на Чави Ернандес. Официјално тренерот доби отказ поради јавните коментари за финансиската состојба во клубот, но се чини дека тоа само ја прелило чашата, а отказот му се подготвувал и претходно.
Тренерот најави дека ќе си оди, па беше убедуван да остане, но на крајот доби отказ, а како една од причините се наведува дека се и фудбалерите кои ги ставил на трансфер-листата. Чави се откажал од Бразилецот Виктор Роке, кој во јануари во Барселона пристигна за 40 милиони евра, потоа од напаѓачот Роберт Левандовски, но и од Португалецот Жоао Феликс.
Чави и спортскиот директор Деко биле со комплетно различни размислувања и веќе тука се навестувал отказот за Чави. Деко, кој е Португалец, не можел да се помири со фактот дека неговиот сонародник Жоао Феликс игра малку и е ставен на трансфер-листата, па притисокот за отказ на Чави дополнително се зголемувал, а Лапорта на крајот се одлучи да ја раскине соработката со легендата на клубот.