Иако доколку Нејмар си замине од ПСЖ, сите го гледаат повторно во дресот на Барселона, неговиот поранешен агент Вагнер Рибеиро, вели дека и Реал Мадрид не е отпишан од трката за ангажирање на најголемата бразилска ѕвезда. Рибеиро кој посредуваше при преминот на Нејмар од Сантош во Барса, а во Реал ги донесе Кака и Робињо, вели дека сон на претседателот на Кралскиот клуб, Флорентино Перес, е да го види Неј во белиот дрес.
„Лани во мај последен пат се сретнав со Флорентино во Мадрид, и тој ми рече дека уште не се откажал од сонот да го купи Нејмар. Денеска почетната цена за заминување на Нејмар од Париз е 164 милиони евра. Пред една година, не постоеше цена, ПСЖ не сакаше да го продаде“ – вели Рибеиро, кој открива дека понуда за Нејмар во 2010 година кога дебитирал за Бразил, имало од Челзи, а се интересирале и Јувентус и Баерн.
Поради корона-вирусот, во наредниот преоден рок веројатно ќе нема многу трансфери поскапи од 50 милиони евра, прогнозира Вагнер.