Богдан Богдановиќ од Сакраменто кингс се сели во Милвоки бакс. Богдан заедно со Џастин Џејмс одат од Кингс во Бакс, а нов член на Елените е и Џру Холидеј, кој дојде од Њу Орлеанс пеликанс, па со новите засилувања, тимот во кој прва ѕвезда е Јанис Адетокумбo, станува сериозен кандидат за титулата барем на Истокот, иако и таму борбата ќе биде жестока. Од Милвоки во Сакраменто се селат Данте Девиченцо, Ерсан Илјасова и Ди Џеј Вилсон.
Пред да се официјализира трампата, српскиот бек се огласи на социјалните мрежи со мистериозна порака.
„Само запамтете дека што и да сте оствариле во животот, луѓето и понатаму нема да веруваат во вас. Направете го тоа за себе, не поради другите“, порача Богдановиќ, кој со ова најави дека Сакраменто решил да се откаже од него.
Богдановиќ во минатата сезона имаше просек од 15,1 поен по меч, а сега како засилување на бековската линија на Бакс, ќе има прилика да се бори за титула, нешто што не беше можно како член на Кралевите од Сакраменто. Новата НБА-сезона стартува на 22 декември.
Се шпекулира дека Србинот кој порано играше за Партизан и Фенербахче, ќе потпише четиригодишен договор вреден од 50 до 60 милиони долари. Богдановиќ е навикнат да игра за тимови кои се борат за титула, ќе биде од корист за тимот, а и Холидеј, кој имаше просек од 19,1 поени и 6,7 асистенции по меч во минатата сезона и плус добар е во одбрана, исто така е засилување за клубот кој фрла сè на една карта – или шампионска титула, или следното лето остануваат без Адетокумбо.