Елиф Елмас повторно е во фокусот на трансфер-шпекулациите откако стана извесно дека нема да биде дел од плановите на Лајпциг за новата сезона. Интерес за македонскиот репрезентативец покажаа неколку клубови, меѓу кои Рома и Торино, кои би сакале да го вратат во Серија А, но во трката сега сериозно се вклучи и Реал Сосиедад од Шпанија.
Клубот од Сан Себастијан и претходно покажа интерес за Елмас, уште на почетокот на годината, кога тој доби понуда и од Валенсија, но на крајот замина на позајмица во Торино. Овојпат, ситуацијата е поинаква – Лајпциг нема намера повторно да го позајмува играчот, особено не во истиот клуб, а Торино нуди само 12 милиони евра, што е далеку од очекуваните 18 милиони, колку што бара германскиот тим.
Медиумите во Шпанија пренесуваат дека Реал Сосиедад го гледа Елмас како вистинско засилување и е подготвен да ги засили преговорите во наредните денови. Исто така, постојат добри односи меѓу двата клуба благодарение на претходни соработки, што може да ја олесни реализацијата на трансферот.