Веќе нема никакви пречки за Елиф Елмас да стане нов член на италијанскиот прволигаш Наполи. Тој успешно ги мина лекарските прегледи кои му беа направени во една клиника во Рим и наскоро треба да потпише петгодишен договор, со што ќе се комплетира трансферот кој е рекорден за еден македонски фудбалер.
Елмас со воз од Рим треба да замине во Тренто, а од таму со автомобил до Димаро, каде што екипата на Наполи е на подготовки. Тренерот Карло Анчелоти со раширени раце го чека македонскиот репрезентативец, кој утре претпладне треба да го има првиот тренинг со новиот клуб, во кој доаѓа од Фенербахче за 16 милиони евра.