Барселона убедливо со 4:0 го победи Наполи во вториот меѓусебен меч одигран на овие два клуба во само три дена. Каталонскиот гигант имаше вистинско шоу во второто полувреме, кога во само 15-тина минути даде четири погодоци. Во првото полувреме беше 0:0.
Во тимот на Наполи, стартер беше Елиф Елмас. Македонскиот репрезентативец ги одигра првите 45 минути кога беше и нерешено. Интересно е што и на првиот меч кога Наполи играше против Барселона, со Елмас на теренот, Наполи не губеше од големиот ривал.
Шоуто погодоци на Барселона започна во 48 минута кога погоди Луис Суарес. Тоа беше најава за гол шоуто во продолжение. Гризман даде гол во 56 минута, а само две минути подоцна, Суарес погоди по втор пат. Конечните 4:0 ги постигна Дембеле со погодок во 63 минута.
Двете контролни дуели на Барселона против Наполи може да се оценат како одлични, ако се знае дека во 180 минути игра, вкупниот резултат е 6:1 за шпанскиот шампион.