Елмас ќе чека шанса од клупата, Реал Сосиедад тргнува во клучната битка без двете главни ѕвезди (Состави)

Елиф Елмас е резерва за мечот со Реал Сосиедад што ќе почне за малку повеќе од еден час на „Диего Армандо Марадона“, стадионот во Неапол, а клучен и за Наполи и за шпанскиот тим во битката за продолжување на европската виза.

Мечот што ќе се игра од 18.55 часот е историски за домаќините бидејќи за првпат ќе играат на стадионот што го носи името на нивната и светска легенда Диего Армандо Марадона, а им треба само еден бод за да се пласираат во следната фаза во Лигата на Европа.

Џенаро Гатузо сепак одлучи да не калкулира и ќе тргне во офанзива со Инсиње, Мертенс и Лозано во формација со три класични офанзивци.

Отсутен е Осимен поради повреда и дуото дефанзивци Хисај и Рахмани, кои имаат позитивни тестови на ковид-19.

Гостите од Сан Себастијан имаат многу поголеми проблеми и вечерва ќе одат на победа без двете главни ѕвезди, Микел Ојарзабал и Давид Силва. Отсутен подолго време е и Илјарименди, а нема да игра и Елустондо, па јасно е дека ќе бидат осетно хендикепирани на мечот на кој само победа им гарантира продолжување на натпреварите во Лигата на Европа.

Во вториот меч од последното коло во групата Ф, Риека ќе му биде домаќин на АЗ Алкмар. Кај домаќините во стартниот состав не е Дарко Велковски и тој ќе биде резерва на меч што за Риека  не е значен. Хрватскиот прволигаш е отпишан и нема шанси за презимување во Европа, па Холанѓаните се фаворити за победа која сигурно ги носи во следната фаза во Лигата на Европа.

 

- Оглас -

Најнови вести