Елмас на лекарски прегледи во Рим, позната платата, дебито против Ливерпул

Елиф Елмас во моментов е на лекарски тестови во клиниката Вила Стјуарт во Рим, откако утрово пред 10 часот слета на римскиот аеродром Фјумичино. Пред поаѓањето од Истанбул, Елмас се фотографираше со менаџерот Џорџ Гарди, кој е еден од најзаслужните за трансферот на нашиот репрезентативец.

Откако ќе завршат прегледите, Елмас ќе потпише за Наполи и потоа со воз ќе се упати од Рим до Тренто. Таму луѓе од Наполи ќе го чекаат со автомобил и ќе го префрлат до Димаро. Првиот тренинг со својот нов клуб, Елиф ќе го има утре претпладне. Екипата на Наполи е на подготовки во планинското место Димаро.

Инаку, според петгодишниот договор, италијанските медиуми пишуваат дека годишната плата на Елмас во првата сезона како играч на Наполи ќе му биде 1,3 милиони евра и таа постепено ќе расте, за во сезоната 2023/2024, Елиф да земе 1,7 милиони.

Првиот меч на Елмас како член на Наполи може да биде веќе в недела во Единбург, на пријателскиот меч против европскиот првак Ливерпул. Наполи утре игра со Кремонезе, но Елиф нема да биде во составот, па честа првпат да заигра во дресот на наполитанците ќе има против големиот Ливерпул.

- Оглас -

Најнови вести