Елиф Елмас е подготвен за предизвикот наречен Наполи. Македонскиот репрезентативец ќе го носи дресот со бројот 12, а вети дека секогаш ќе го дава најдоброто од себе на теренот.
„Среќен сум што сум тука. Веќе се чувствувам како дома, затоа што во Наполи владее семејна атмосфера. Зборував со Горан Пандев и тој ми даде позитивен знак. Ме советуваше секогаш да го почитувам овој дрес, бидејќи доаѓам во едно големо семејство. Посебен мотив е да се работи со тренер како Карло Анчелоти. Ќе ги слушам сите совети кои тој може да ми ги даде. Можам да играм на повеќе позиции. Тренерот треба да реши каде ќе играм, а мое е да дадам 100 отсто на теренот“, рече Елмас.
Елиф дојде во Неапол од тимот на Фенербахче. Наполи плати 19 милиони евра за трансферот, што е највисок трансфер на еден македонски фудбалер. „Дијамантот“ потпиша петгодишен договор со Наполи во кои ќе заработи 7,5 милиони евра. Тој вели дека една од причините поради која се решил да игра за Наполи е фактот дека овој клуб ќе игра во Лигата на шампиони.
„Секако дека е голем предизвик да се игра во тим кој е дел од Лигата на шампиони. Во тоа натпреварување се најдобрите клубови. Мојот идол е Роналдињо, а во слободното време сакам да слушам музика. Од другите спортови го сакам пливањето и кошарката“, заврши Елмас.