Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас зборуваше на прес-конференцијата по завршувањето на мечот Наполи – Торино и рече дека би сакал неговиот поранешен клуб Наполи, со кој Елмас беше првак во 2023 година, и оваа сезона да ја освои титулата во Италија.
„Беше посебно и емотивно да се вратам на овој стадион. Тука ги освоив Скудетото и Купот на Италија, убаво е што повторно сум во Неапол. Добро ми оди во Торино, добро почнав, дадов 4 гола, се трудам да бидам уште подобар. По една и пол година пауза не беше лесно да се вратам во Италија, но мислам дека добро се снајдов. Уживам во Торино, тука има и добри играчи и тренер, но уште е рано да се зборува за мојата иднина. Не знам што ќе биде во иднина, не знам што ќе се договорат претседателите на Торино и Лајпциг“, изјави Елмас.
Елмас би сакал Наполитанците да ја добијат трката за Скудетото со Интер.
„Како навивач на Наполи, би сакал да го освојат Скудетото и верувам дека ќе успеат. Конте е одличен тренер, освојува трофеи секаде каде што работи“, рече Елмас.