Елмас се радува на фантастична победа од 6:1, двата шпански гиганти пропаднаа на претпоследно и последно место во ЛШ (Видео)

Елиф Елмас играше триесеттина минута за Наполи во убедливата победа од 6:1 против Ајакс во Амстердам, што уште еднаш ја покажа силата на Наполитанците кои немаат пораз на двата фронта сезонава и во Лигата на шампионите и во Серија А.

Тежок ден имаа двата шпански гиганти, Барселона и Атлетико Мадрид, кои загубија од Интер, односно од Бриж и не постигнаа ниту еден гол на двете гостувања.

Победи во третото коло вечерва од 21 часот забележаа и Ливерпул против Глазгов ренџерс со 2:0 и Порто против Баер Леверкузен со 2:0.

Претходно во терминот од 18.45 часот Баерн го декласира П’лзењ со 5:0, а Марсеј го победи Спортинг со 4:1.

Наполи блескаше на арената „Јохан Кројф“ и успеа да забележи една од највисоките победи во клупската историја кога се работи за натпревари во Лигата на шампионите.

И тоа лидерот во Серија А го стори откако прв прими гол во деветтата минута, кога Кудус погоди за Ајакс.

Распадори, Ди Лоренцо и Зјелински со три гола во првиот дел направија комплетен пресврт, а потоа погодија пак Распадори, Кварацхелија и Симеоне за фантастични 6:1 за Наполи.

Елиф Елмас играше од 64-тата минута и влезе во игра при резултат 1:5, а над него Душан Тадиќ направи груб фаул и беше исклучен.

Во 73-тата минута српскиот репрезентативец со рака в лице го удри македонскиот репрезентативец и мораше да го напушти теренот предвреме.

Големо изненадување приреди Бриж со победа од 2:0 против Атлетико Мадрид. Домаќините се лидери со 9 бода и сè уште немаат примено гол во група со мадриѓаните и Порто и Баер Леверкузен.

Мињоле не дозволи да се тресе мрежата на Бриж откако му одбрани пенал на Гриезман, а Бриж во тој момент веќе водеше со 2:0 со головите на Сова и на Јутгла.

Мини-изненадување приреди и ослабениот Интер со победа против Барселона од 1:0 во Милано.

Чалханоглу погоди во 45-тата минута, а Барса падна на претпоследното место во групата уште и со Баерн и П’лзењ.

Уште полошо од нив е во Мадрид, каде што Атлетико е последнен во групата со Бриж, Порто и Баер Леверкузен.

 

- Оглас -

Најнови вести