Елмас треба да е среќен што Наполи не се пласира во ЛШ

Елиф Елмас нема да ја претставува Македонија во Лигата на шампионите следната есен, откако Наполи вчера не успеа да ја победи Верона и му го препушти четвртото место на Јувентус.

Настап во Лигата на Европа е утешителна награда за Наполитанците, но Елмас не треба премногу да се разочарува, бидејќи овој неуспех значи крај за Џенаро Гатузо во Неапол. Италијанскиот стратег потполно го запостави нашиот дијамант во вториот дел од сезоната, иако Елмас имаше забележливи партии на клупски и репрезентативен план.

Минутажа добиваше на дланка, oсобено од средината на февруари досега. Скромни петнаесетина минути, некогаш 20, а често влегуваше во финишот од натпреварите, е нешто што сигурно го фрустрираше Елмас знаејќи дека може многу повеќе да придонесе за екипата доколку му се даде слобода. Последните два меча ги отседи на клупа, иако вчера Гатузо можеше да направи уште една измена во ремито со Верона.

Гатузо дефинитивно ќе биде разрешен од тренерската позиција, го потврди тоа и претседателот Аурелио Де Лаурентис, па сега се надеваме дека идниот тренер на Наполи ќе има поголема доверба во нашиот дијамант.

- Оглас -

Најнови вести