Ентони Дејвис синоќа дебитираше за Далас Маверикс и веднаш ја предводеше својата нова екипа до победа.
Далас на домашен терен го победи Хјустон со 116-105, а Дејвис блескаше и веќе сега ги „натера“ навивачите на Маверикс да го преболат заминувањето на Лука Дончиќ во ЛА Лејкерс.
Дејвис го заврши натпреварот со 26 поени, 16 скокови и 7 асистенции, со што покажа дека ќе биде достојна замена за Словенецот, кој со години ја носеше играта на Далас на своите плеќи. Но, импресивното деби на Дејвис заврши прерано. По само 31 минута мораше да го напушти теренот поради повреда.
Уште еден поранешен играч на ЛА лејкерс се претстави одлично во Далас. Макс Кристи беше втор најдобар стрелец на тимот со 23 поени.
Во редовите на Хјустон, Алперен Шенгун забележа 30 поени и осум скокови.
Голден Стејт вориорс беа доминантни на гостувањето кај Чикаго и славеа со 111-132, а Џими Батлер на своето деби постигна 25 поени, четири асистенции и два скока за 29 минути игра.
Денвер славеше со 105-122 на гостувањето кај Феникс, а Јокиќ беше на прагот на нов трипл-дабл. Српскиот центар го заврши натпреварот со 26 поени, 11 скокови и 9 асистенции, а сигурно ќе стигнеше до трипл-дабл да не седеше на клупата во последната четвртина.
Лос Анџелес Клиперс на домашен терен ја совладаа Јута со 130-110, а Ивица Зубац беше најдобар стрелец и скокач за својот тим. Тој постигна 26 поени и 15 скокови, а доби одлична поддршка од Џејмс Харден, кој покрај 23 поени забележа и 17 асистенции.
Резултати: Далас – Хјустон 116-105, ЛА лејкерс – Индијана 124-117, Орландо – Сан Антонио 112-111, Вашингтон – Атланта 111-125, Чикаго – Голден Стејт 111-132, Мемфис – Оклахома Сити 112-125, Минесота – Портланд 114-98, Њујорк – Бостон 104-131, Феникс – Денвер 105-122, Сакраменто – Њу Орлеанс 123-118, ЛА Клиперс – Јута 130-110.