Кристијан Ериксен денеска пристигна во Милано првпат по несреќата пред два месеци, кога Данецот за малку ќе го загубеше животот откако срцето престана да му работи за време на натпреварот меѓу Данска и Финска на ЕП.
Ериксен со врадениот уред кој му ја следи работата на срцето денес за првпат се виде со соиграчите од Интер, воедно се запозна со новиот тренер Симоне Инѕаги, додека разговараше и со клупските оперативци.
Следните денови ќе бидат клучни за Ериксен. Ќе мора да ги помине сите лекарски тестирања кои веќе ги направи откако му беше вграден дефибрилаторот. Иако правилото во Италија е јасно, спортисти не може да бидат активни и да настапуваат со вграден уред, но не се исклучува опцијата дефибрилаторот да му биде отстранет за да може повторно да го облече дресот на италијанскиот првак.
Доколку не се направи исклучок, Ериксен веројатно ќе мора да си ја побара среќата во друга лига, каде што здравствените правила не се толку строги, односно да игра со уредот, каков што е примерот на Дејли Блинд од Ајакс.