Македонската фудбалска репрезентација вечерва во Скопје игра против Ерменија, ривал кој одлично ѝ е познат како на фудбалерите, така и на навивачите во нашата земја. Македонија и Ерменија по рекорден 14 пат ќе играат меѓу себе, а билансот е позитивен за нас.
Македонија досега има шест победи, трипати ремизирала, а четирипати Ерменија се радувала на триумф. Вкупната гол-разлика на Македонија е 23 дадени гола и 18 примени погодоци. Тоа значи дека вкупно имало 41 гол во 13 меча, односно 3.15 по меч, што покажува дека и вечерва може да се очекува интересен дуел со многу погодоци.
Пред вечерашниот меч, многу поголем притисок има за Македонија, која ремизираше на гости кај Фарски Острови и сега едноставно мора да брка победа ако сака да остане со шанса да го брка првото место во групата. Ерменија со убедливи 4:1 славеше над Летонија и тоа е знак дека гостите се подготвени за голема битка на арената „Тодор Проески“.