Утрешниот натпревар од 18 часот помеѓу Ерменија и Македонија од Лигата на нации во Ереван ќе го суди англиска судиска екипа предводена од Стјуарт Атвел.
Името на Атвел често се спомнуваше деновиве, бидејќи поради критики кон него, клубот Нотингам форест беше казнет со дури 750.000 фунти.
Шумарите беа незадоволни што во април годинава Атвел кој бил во ВАР собата, не сигнализирал дека постоеле три пенали за нив на мечот со Евертон, и го обвинија дека е навивач на Лутон и затоа не сакал Нотингам да победи, за да може Лутон да се спаси од испаѓање од Премиерлигата.
Судијата Атвел изјави дека после оваа објава на клубот од Нотингам, му биле предизвикани стрес, вознемиреност и страв.