Еурофарм Пелистер со интересна група во ЛШ

Само 18 дена по завршувањето на ракометната Лига на шампиони за мажи, се извлече ждрепката за групната фаза за следната сезона.

Македонија ќе ја претставува првакот Еурофарм Пелистер кој за ривали ги доби Висла Плоцк од Полска, Веспрем од Унгарија, Пари Сен Жермен од Франција, Фредериција од Данска, Фуксе Берлин од Германија, Спортинг од Португалија и Динамо Букурешт од Романија. Во првото коло, Е. Пелистер треба да игра дома против ПСЖ.

Во другата група се Алборг, Магдебург, Барселона, Кјелце, Пик Сегед, Нант, Загреб, и
Колштад.

Групната фаза ќе вклучува 14 кола кои ќе се играат помеѓу 11/12 септември 2024 година и 5/6 март 2025 година.

Тренерот на битолчани, Бранислав Ангеловски, по ждрепката истакна дека најважно е што клубот повторно е дел од европскиот крем.

„Повторно сме во кремот на европскиот и светскиот ракомет и повторно ѕвездата ќе свети во Битола и во Македонија. Иако шампионот на Македонија беше под линијата која гарантира директно учество во Лигата на шампионите, ЕХФ ја препозна нашата клупска сериозност. Благодарение на нашата целокупна организација на натпревари од највисок ранг, на нашата прекоректна публика, заедно со нашите верни навивачи „Чккембари”, кои секогаш несебично не бодреа до последна секунда и на крај искрено ја честитаа победата на гостите, сосема заслужено ни ја додели „вајлд-картата“ за повторно учество. Ова е само една одговорност повеќе за сите нас да покажеме уште повисоко ниво во сите сегменти од нашиот спорт, вклучувајќи ги и резултатите.

Ова е еден огромен чекор напред и со играњето во Лигата на шампионите на македонскиот шампион, успеавме да го задржиме континуираното играње во најдоброто натпреварување“, рече Ангеловски.

- Оглас -

Најнови вести