Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва (20.45 часот) ќе имаат ѓаволски тешка задача во ЛШ, да излезат на мегдан со Пари Сен Жермен. Јасно е дека францускиот гигант е огромен фаворит, но кај битолскиот тим постои потајна надеж дека може да одигра добар меч и да изненади среде Париз.
Спортски е да се надеваш и, секако, Еурофарм Пелистер нема предвреме да се предаде во дуелот со силниот ривал. Сепак, квотите јасно покажуваат дека ПСЖ ја има фаворитската улога.

„Каков било и да е ПСЖ, се работи за гигантот во спортот и во ракометот. Можеби имаат и најголем буџет во Лигата на шампионите оваа сезона. Ние се подготвуваме гледајќи на самите себе, имаме своја тактика. Подобро е кога се победува, се зголемува самодовербата на играчите, расте психолошкиот момент кај секој играч и добро е што ги победивме Вардар 1961 и Загреб и освоивме два бода во ЛШ. Одиме малку порастоварени на гостински терен во Париз. Која било победа или бод освоен во гости добро ќе ни дојде. Треба да ја играме својата игра, па што биде – нека биде“, изјави искусниот голман на Еурофарм Пелистер, Никола Митревски.