Евертон сериозно размислува за ангажман на Џек Грилиш, кој повеќе не е во плановите на Манчестер сити. Англискиот репрезентативец, за кого Граѓаните во 2021 година платија 100 милиони фунти, би можело да го напушти клубот за значително пониска цена, околу 40 милиони фунти.
Евертон подготвува разговори со Сити, но идејата на клубот од Ливерпул е да го доведе Грилиш на позајмица. Сепак, тоа би било финансиски неповолно за Сити, бидејќи платата на Грилиш изнесува 300.000 фунти неделно, износ кој тешко би го покриле без отстапки од актуелниот шампион на Англија.
Во сезоната кога Манчестер сити освои тројна круна, Грилиш одигра 50 натпревари и учествуваше во 16 голови преку голови и асистенции. Но, во следната сезона неговата форма опадна, а повредите станаа почести.
Тој го загуби местото во стартниот состав и настапи само на 20 меча во Премиер лигата, постигнувајќи еден гол и една асистенција. Поради таа ограничена минутажа, Гвардиола не го вклучи во составот за Светското клупско првенство.