Европскиот првак до Илинден во Скопје ќе работи на „физиката“

Европскиот ракометен првак Вардар ги почна подготовките за новата сезона. Новиот тренер Давид Писонеро и шестемина нови ракометари се појавија на првата прозивка и го одработија планираниот тренинг.

По прозивката во СЦ „Јане Сандански“, тимот излезе надвор на фудбалскиот терен кој е во близина на салата и тука почнаа со физички подготовки. Од составот што треба да настапи сезонава, единствено оправдано отсутен беше голманот Калифа Гедбан. Капитенот Стојанче Стоилов беше за прозивката и покрај тоа што е во процес на рехабилитација и тренира под посебен надзор.

Сезонава Црвено-црните ќе бранат четири трофеи: во првенството на Македонија, Суперкупот на Македонија, СЕХА-лигата и во Лигата на шампионите. Нови играчи се Димитар Димитриоски, Павел Атман, Жозе Гиљермо Толедо, Сергеј Горпишин, Артурс Кугис и Домен Сикошек Пелко.

Според направениот план, од денеска до 2 август ќе се тренира во Скопје, каде што ќе бидат извршени и сите потребни прегледи. Потоа се заминува за Требиње (БиХ), каде што Вардарци ќе настапат на турнир на којшто ќе играат и Борац Бања Лука, Леотар, Металопластика, Бутан Изола и Извиѓач. Тој турнир ќе се игра во период од 9 до 11 август.

По враќањето од БиХ, ќе се работи во Скопје сè до заминувањето за Саудиска Арабија на Супер Глоуб. Таму Вардар ќе настапи во периодот од 27 до 31 август. На Супер Глоуб покрај Вардар, ќе играат и: Ал Вехда (С.Арабија), Барселона (актуелен првак на тоа интерконтинентално натпреварување), Заламек (Египет), Сиднеј (Австралија), Таубате (Бразил), Њујорк (САД), Ал Мудхар (С.Арабија) и Кил (Германија).

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести