Европскиот првак посилен и од Коронавирусот: Вардар – Монпелје ќе се игра СО ПУБЛИКА

Европскиот ракометен првак Вардар утре очекува да има голема поддршка од своите верни навивачи за дуелот против Монпелје во рамките од последното коло од групната фаза во Лигата на шампиони. Црвено-црните ќе се обидат со победа да стигнат и до петото место во групата, додека пораз ќе значи и дефинитивно останување на шестата позиција.

На мечевите на Вардар веќе стандардно салата е полна и поддршката за двократниот континентален владетел е огромна. Сепак, денеска се појави дилема дали утрешниот меч ќе се игра со публика, поради препораката на Владата, да се избегнува присуство на гледачи на сите спортски настани кои ќе се играат во периодот до 6 март. Од РК Вардар излегоа со информација која ви ја пренесуваме во целост.

„Ги известуваме сите што купиле билети за натпреварот од ВЕЛУКС ЕХФ лигата на шампионите меѓу екипите на Вардар и на Монпелје, закажан за сабота (29 февруари 2020 година) во СЦ „Јане Сандански”, дека мечот ЌЕ СЕ ИГРА СО ПРИСУСТВО НА ПУБЛИКА.

Одлуката е донесена пред се поради краткиот период за било каква промена, а со оглед на тоа што станува збор за меѓународна средба која е одамна закажана, а и екипата на Монпелје е веќе пристигната во Скопје.

Препорака е да не се водат мали деца на натпреварот.

Натпреварот е закажан за 17,30 часот во СЦ „Јане Сандански”, а пренос ќе има и на МТВ 1“, стои во информацијата од РК Вардар.

 

- Оглас -

Најнови вести