14.8 C
Skopje
сабота, 12 јули 2025

Европските прваци останаа без очекуваниот попуст на свој терен за дуелот со Македонија во Палермо

Италијанската репрезентација нема да го добие очекуваниот попуст од Серија А и 30-тото коло што требаше да се одложи непосредно пред бараж-дуелот со Македонија ќе се игра во редовниот термин на 18, 19 и 20 март.

Само четири дена подоцна, ќе следува натпреварот меѓу Аѕурите, кои се актуелни европски прваци, и Македонија во првиот чин од предвидените два што водат во Катар на Светското првенство во ноември и декември годинава.

„Се води некаква чудна битка меѓу Фудбалската федерација и раководството на лигата, а ни се повторуваат истите работи од 2017 година, кога Шведска нè елиминираше во баражот за настап на Мундијалот во Русија. Очигледно некои работи не сме ги научиле, ниту сме извлекле поука од таа горчлива епизода и лекција“, објави „Кориере дела Сера“.

Планирано беше 30-тото коло во Серија А да биде одложено за повеќе време за подготовки на избраниците на Роберто Манчини за бараж-мечот со Македонија, но тоа нема да се случи.

Сега ќе им останат само три дена за да се подготват за натпреварот што ќе се игра на „Ренцо Барбера“ на 24 март од 20.45 часот.

Претходно локалниот медиум „Го сакам Палермо“ објави сторија за недовршените работи на стадионот, со фрапантно видео на кое се гледа очајната состојба на санитарниот јазол на стадионот, но и лошата состојба со тревникот на „Ренцо Барбера“, чиј капацитет од 37 илјади гледачи се очекува да биде комплетно пополнет за дуелот со Македонија.

Билетите ќе се продаваат од утре, по цена од 10 до 60 евра, а победникот од овој меч ќе гостува во финалниот бараж за пат во Катар во Португалија или Турција на 29 март.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести