Одлична е атмосферата меѓу навивачката Фаланга која ноќеска од Скопје започна еден неверојатен поход. Триесетина верни навивачи на македонската репрезентација го започнаа своето патешествие со автобус да стигнат до градот Хернинг во Данска, каде што ракометарите ќе играат на Европското првенство.
Патот кон ова патување долг повеќе од 2.300 километри започна на убав празник, на Василица. Навивачите не заборавија со себе во автобусот да понесат и лепче со паричка, а кога тргна походот кон Данска, се случи и кршењето на лепчето со паричка. Беше направена традиционална македонска софра со јадење и пиење, а беа поделени многу парчиња леб на оние кои се во автобусот што патува кон Данска.
На крајот, најсреќен меѓу сите нив беше Октај Кадриевски, попознат како Манки. Популарниот Манки е легенда на навивачкото движење во Македонија и тој е еден од оние кои го прифатија предизвикот да патуваат повеќе од 2.300 километри во еден правец за да стигнат во Данска и да ја бодрат Македонија.


