Македонски навивачи со авиони од Скопје, Ниш и околните други аеродроми во изминативе два-три дена пристигнаа во Малта специјално да го следат мечот меѓу Малта и Македонија во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2024 година.
„Дојдовме пред два дена. Се организиравме со авион од Скопје. Авионот беше полн, а речиси сите коишто беа во него беа специјално тргнати за да го следат дуелот против Малта. Имаме и другари кои решија да патуваат од аеродромот во Ниш. Најважно е тоа што ќе има навивачи кои специјално од Македонија допатуваа тука. Знаеме дека и тука има доста Македонци и затоа очекуваме да им дадеме голема помош на нашите фудбалери да стигнат до победа“, вели еден навивач од Скопје, кого случајно го сретнавме низ улиците на островот.
Според проценките, се очекува на стадионот да има околу 7.000-8.000 гледачи, а барем една четвртина да бидат навивачи за Македонија.
Освен навивачите кои специјално пристигнаа во Малта за мечот, овој остров е познат и по тоа дека таму работат неколку илјади Македонци, па сигурно добар дел од нив ќе бидат вечерва на трибините на стадионот.