Луис Суарес потврдува дека е вистински лидер во Атлетико Мадрид. Голгетерот кој пред сезонава пристигна кај Јорганџиите, игра фантастично и е еден од најзаслужните што Атлетико е убедлив лидер во Примера дивисион. Суарес денеска даде два гола во победата на гостувањето кај Кадис со 4:2 и сега Атлетико има 50 бода, дури 10 повеќе од вториот Реал Мадрид. Тоа што е уште поважно, Атлетико има и меч помалку, што значи дека разликата може и дополнително да се зголеми.
Со фантастичен погодок од слободен удар Суарес го најави возбудливиот меч.
Негредо израмни, а Саул погоди во 44 минута за водство на Атлетико од 2:1 на полувреме. Вториот гол на мечот, а трет за Атлетико, Суарес го даде во 50 минута од пенал, а домаќините до крајот успеаа само да намалат на 2:3. Коке со гол во 88 минута стави крај на сите дилеми и Атлетико стигна до нов триумф.
Кадис кој е единствен тим во Примера што нема добиено пенал, се понадева дека ќе добие удар од белата точка, но ВАР системот застана на страна на Атлетико.
Со овие два погодоци, Суарес има неверојатни 14 гола во првите 15 првенствени меча во дресот на Атлетико. Колку за споредба, кога дојде во Барселона, Уругваецот во првите 15 средби даде само четири погодоци.