Интер Мајами со убедливи 5:2 славеше на гостувањето кај Нешвил во меч од последното коло во регуларниот дел од МЛС шампионатот во САД. Лидер во оваа победа на Интер Мајами беше Лионел Меси кој постигна хе-трик.
За Меси ова е јубилеен 60-ти хет-трик во кариерата, а со оваа игра потврди дека уште е незадржлив за противничките одбрани. Оваа сезона во МЛС Меси ја заврши со 29 голови и заслужено стигна до признанието најдобар стрелец во лигата, освојувајќи на „Златната копачка“.
Освен 29 голови, Аргентинецот имаше и 19 асистенции што значи дека директно учествувал во постигнување на 48 голови за Интер Мајами сезонава. Се очекува Меси да ја добие наградата и МВП на регуларниот дел од сезоната, а ако тоа се случи ќе биде првиот фудбалер на кого тоа му успеало во две години по ред. Меси минатата сезона беше најдобар кога Интер Мајами оствари историски резултат во регуларниот дел.
Уживајте во сите 29 погодоци кои Меси ги постигна сезонава во МЛС првенството.