Хуан Фелипе најавува заминување од Вардар, откако е јасно дека „црвено-црните“ нема да играат во квалификациите за Европа Лигата.
Бразилецот се врати во Вардар на почетокот на оваа година и повторно ќе си замине, а и повторно актуелен како и лани е неговиот трансфер во Шкендија.
Актуелниот првак на Македонија ќе се засилува пред почетокот на квалификациите за Лигата на шампионите, а беше заинтересиран за Фелипе и лани, кога Бразилецот си замина од Вардар.
Сепак тогаш Фелипе се одлучи да ја прифати понудата на казахстански Каират, со кого потпиша едногодишен договор.
Фелипе беше дел од првата генерација вардарови фудбалери што играа во фаза по групи во европските купови, во Европа Лигата во сезоната 2017/18, па во Шкендија веројатно проценија дека им е неопходно искуство од играч од калибарот на 31-годишниот бразилски ас.