Фени се „изгуби“ во Гостивар, МЗТ се извлече против Охрид

Гостивар го декласираше тимот на Фени индустри со конечни 94:70, во рамките од петтото коло во Првата лига на Македонија. За избраниците на Марјан Србиновски, ова е само втор триумф сезонава, а брзо се опоравија по двата последователни порази од Куманово и МЗТ Скопје.

Клучна беше третата четвртина која Гостивар ја освои со 33-17, откако во првиот дел беше неизвесно. Во решавачкиот период разликата беше уште поголема во корист на Гостивар, домаќините своевремено имаа и +25, за на крајот победата да биде лесно остварена.

Костовски со 23 поени и 8/10 шут од игра, беше најефикасниот кошаркар на Гостивар, по 17 поени додадоа Димчевски и Фурстингер. Кај поразените, Фундербуерг беше најрасположен со 13 поени, Елиот заврши со 12 поени.

МЗТ Скопје со тешко изборен триумф од 83:80, се враќа од гостувањето во Охрид. „Штрковите“ беа изненадени по првите 10 минути, Охрид покажа добра игра и го освои периодот со 22-17, но потоа МЗТ со додатни сили го возврати ударот и следната четвртина ја освои со 26-11, па на паузата заминаа со резултат од 43:33.

Охрид во финишот сакаше да направи сензација, па во последните две минути ја стопија предноста на МЗТ на само три поени, а потоа и на пола кош разлика при 79:80. Младеновски реализираше едно од двете слободни фрлања на 12 секунди пред крајот, Двојаковски на другата страна на ист начин можеше да израмни, но и тој промаши едно од двете слободни фрлања, па МЗТ на крајот се спаси и освои бодови.

Симоновски со 27 поени и 7/13 шутеви за три поени, беше најефикасен кај МЗТ, додека во тимот на Охрид најмногу се истакна Хил со 19 поени.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести